Реал Мадрид се соочува со сериозна опасност да ја заврши сезоната без ниту еден освоен трофеј, што е доволна причина за аларм кај Флорентино Перез. Првиот човек на „кралевите“ подготвува тренерска смена и заминување на Анчелоти, но и на Перез му е јасно дека вината не смее да се бара само кај италијанскиот стручњак, туку ќе мора сериозно да се инвестира во играчкиот кадар.
Откако извиси минатото лето за Килијан Мбапе, Перез сега е решен да тргне во тотална офанзива по Ерлинг Халанд. Норвежанецот урива бројни рекорди во првата сезона во Премиер-лигата, но јавна тајна е дека Халанд не се согласува најдобро со Пеп Гвардиола и лесно може да се случи да си замине од клубот. Тој има клаузула што го прави достапен за трансфер за 240 милиони евра во јуни 2024 година, „кралевите“ сериозно размислуваат да ја активираат, но Перез ќе се обиде да дојде до Халанд и во текот на претстојниот летен преоден рок.
Шпанскиот гигант има подготвено над 200 милиони евра за нов екстра-напаѓач, а бидејќи се чувствува изневерено од Мбапе, Флорентино сега вниманието целосно го насочи токму кон Халанд. „Кралевите“ се оптимисти дека Гвардиола би дал зелено светло за трансфер ако добие интересна понуда, па потоа со парите да доведе нов голгетер, па затоа и се најавува дека Реал би платил 200 милиони евра на Манчестер Сити, плус 40 милиони на Халанд за самиот потпис на договорот.
Јасно е, норвешкиот голгетер во моментов е максимално фокусиран на настапите за Манчестер Сити во Премиер-лигата и во ЛШ… но кога сезоната ќе заврши, се очекува тоталната офанзива на Реал Мадрид во обидот да се осигура неговиот потпис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

