Флорентино Перез во вистински момент, уште како тинејџери ги донесе во Реал Мадрид бразилските напаѓачи Винисиус, Родриго и Ендрик. Сега претседателот на „кралевите“ е решен да тргне на шопинг во Аргентина, па стартуваше тотална офанзива по големиот талент Франко Мастантуоно кој е меѓу главните желби на „кралевите“ за наредната сезона.
Станува збор за суперталент од светска класа, 17-годишен играч за врска кој веќе две сезони настапува за првиот тим на Ривер плата. „Кралевите“ се обидоа да го ангажираат уште во текот на минатата сезона, но Мастантуоно тогаш реши да потпише нов договор со Ривер, во кој има клаузула за трансфер во висина од 45 милиони евра.
Флорентино во прв момент одбиваше да плати богатство за аргентинскиот тинејџер, но се премисли откако Чаби Алонсо најави јасен план за подмладување на екипата, изразувајќи подготвеност да им даде шанса на помладите играчи во тимот, но и барајќи играчи кои допрва ќе градат име на елитната фудбалска сцена.
ПСЖ покажа сериозен интерес за овој фудбалер, што дополнително го запали алармот кај шпанскиот клуб, па директори на Реал од почетокот на оваа седмица се во Аргентина, преговарајќи и со Ривер и со самиот фудбалер. Разговорите со клубот не се многу продуктивни бидејќи Ривер инсистира на плаќање на клаузулата, а во Реал се надеваат дека барем сумата ќе ја платат на четири години рати. Потежок дел е да се постигне договор со самиот фудбалер, но шпанските медиуми информираат за сериозен напредок на ова поле, се со цел младиот Аргентинец да заигра барем одредена минутажа за Реал, веќе на клупскиот мундијал во САД.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

