Реал Мадрид има солидна предност од 3-1 од првиот натпревар против Наполи, но актуелните европски прваци се свесни за сериозноста на предизвикот пред кој се наоѓаат пред вечерашното гостување во Неапол. Вратите на стадионот „Сан Паоло“ се отворени од 15.30 часот, нема сомнеж дека фанатичните „наполитанци“ ќе им дадат крилја на домаќините, но Зинедин Зидан е убеден дека неговите избраници нема да потпаднат под притисокот од трибините и ќе одиграат на посакуваното ниво.
„Наполи ќе почне со огромен интензитет и ќе стори се за да постигне гол во раната фаза од мечот. Ќе има и притисок од трибините, но ние сме навикнати, ваквите атмосфери дури и дополнително ме мотивирале како играч, сега ќе го извлечам истото и од моите фудбалери. Знаеме дека гостувањата во ЛШ секогаш се тешки, играме против тим што ретко губи дома, но верувам во нашите квалитети и очекувам пласман во четвртфиналето“ – изјави Зинедин Зидан.
Францускиот стратег повторно ќе го има на располагање Кристијано Роналдо, кој го пропушти последниот меч во Примера против Еибар, а од стандардните првотимци ќе го нема единствено Варан, чие место во одбраната ќе му припадне на Пепе.
Реал Мадрид и Наполи се имаат сретнато во првата рунда од Купот на Европските Шампиони во 1987 година, кога Реал славеше на домашен терен со 2-0, а реваншот во Неапол заврши без победник, 1-1. „Кралевите“ имаат само една победа на последните девет гостувања во Италија, а „наполитанците“ се охрабрени и од фактот дека никогаш не загубиле пред своите гледачи од ривал од Шпанија (две победи и четири реми).
„Притисокот не е врз нас, немаме што да загубиме. Тие се шампионите и мораат да одат понатаму. Ние ќе ја имаме поддршката од навивачите и ќе сториме се за да ги израдуваме“ – истакна тренерот на Наполи, Маурицио Сари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА