Реал Мадрид нема да биде премногу активен на фудбалската берза летово бидејќи Флорентино Перез е решен да доведе само едно засилување, кое ќе биде вистинска „трансфер-бомба“. Тој за ова дискутирал и со новиот тренер Карло Анчелоти, кој е свесен дека ќе мора да работи со оние фудбалери кои останаа во тимот од ланската сезона, надополнети со фантастичниот Килијан Мбапе.
Според новинарите на „Ел Чирингуито“, Флорентино нема преголем буџет за да доведе повеќе фудбалски мегаѕвезди, па токму затоа вниманието го има целосно насочено кон Мбапе. ПСЖ засега децидно порачува дека францускиот голгетер не е на продажба, но „кралевите“ очекуваат тоа да се промени како што ќе доаѓа крајот на летото. Причина – фактот дека Мбапе има договор само до крајот од новата сезона, па францускиот гигант ќе мора да го продаде за да не ризикува тој следното лето да си замине без никаква отштета.
Перез веќе извесно време не крие дека во Мбапе гледа нова „кралска ѕвезда“ и ќе стори се за да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“. Првата понуда што ќе биде испратена до крајот на месецов ќе изнесува 100 милиони евра, а првиот човек на Реал е подготвен истата уште малку да ја зголеми, се со цел да постигне договор со ПСЖ и веќе летово да го доведе Мбапе, наместо да чека уште една година и следната година да влезе во војна со англиските премиерлигаши.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА