Сантијаго Солари ја оправда довербата на Флорентино Перез славејќи на првите четири средби како тренер на Реал Мадрид, па аргентинскиот стратег денеска заслужено доби и долгорочен договор како предводник на актуелниот европски првак. Иако претходно беше најавуван договор на 18 месеци, Реал вечерва објави дека новиот договор ќе биде со важност до јуни 2021 година, што значи дека Солари би останал во Мадрид до крајот на оваа и во наредните две натпреварувачки сезони.
„Бордот на директори на клубот денеска донесе одлука со Сантијаго Солари да биде потпишан договор до 30 јуни 2021 година“ – се вели во клупското соопштение на актуелниот европски првак.
Солари дојде на чело на првиот тим од младинската школа на Реал Мадрид. Тој на одговорната функција го наследи Хулен Лопетеги, експресно ја врати победничката атмосфера во екипата, но допрва следат вистинските предизвици, трката со Барселона во „Ла Лига“ и одбраната на титулата во нокаут фазата од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА