Мега-дуелот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити ќе биде во центарот на вниманието во вечерашната програма од осминафиналето во Лигата на Шампионите, како продолжување на традицијата овие тимови речиси секоја година да се среќаваат во нокаут фазата од елитното европско натпреварување.
Во пресрет на вечершаниот меч на „Сантијаго Бернабеу“ шпанските медиуми се јавија со интересен статистички податок – постигнување на прв гол во овој двомеч е малер, бидејќи тимот што прв ја затресол противничката мрежа на крајот редовно бил елиминиран од ЛШ.
Неверојатната традиција почна во сезоната 2019/20 кога Реал Мадрид поведе со 1-0 преку Иско, но Сити на крајот славеше со 1-2 во Мадрид, потоа со идентичен резултат го доби и реваншот во Манчестер, за пласман во следната аза.
Во сезоната 2021/22 беше одигран меч за паметење во Манчестер што „граѓаните“ го добија со 4-3, постигнувајќи го и првиот погодок преку Де Бруине. Реваншот донесе нов спектакл во кој Родриго најпрвин со гол во самиот финиш го одведе мечот во продолженија, за Бензема од пенал да го одведе Реал во големото финале.
Веќе во наредната сезона овие ривали повторно се сретнаа, Винисиус стрелаше на првиот натпревар во Мадрид што заврши без победник (1-1), но затоа реваншот мина во апсолутна доминација на англискиот гигант и победа од 4-0 (два гола на Бернардо Силва, по еден на Аканжи и на Хулијан Алварез).
Следната сезона – повторно дуел на овие два европски гиганти во нокаут фазата од ЛШ, првиот меч беше суперинтересен и заврши 3-3, а првиот гол беше дело на Бернардо Силва од слободен удар. Рееваншот во Манчестер повторно беше без победник (1-1), а „малерот при постигнувањето на првиот погодок“ беше на дело и во овој двомеч, па во пенал-рулетот славеше Реал Мадрид со 4-3.
Бевме сведоци на „дуелот на гигантите“ и минатата сезона, двомеч што со гол го отвори Ерлинг Халанд. Сепак, Реал го шокираше Сити со три гола во низа (Мбапе, Брахим Дијаз и Белингем), по што „кралевите“ славеа со идентични 3-1 и на реваншот на „Сантијаго Бернабеу“.
Интересно, ова „проклетство““ беше на сцена и на првиот овосезонски дуел меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити, на кој „кралевите“ први поведоа преку Родриго, но Сити направи пресврт и на крајот славеше со 1-2 на „Бернабеу“.
Со ваква незгодна традиција што трае со години, навистина човек да го фати страв да го постигне првиот гол во вечерашниот дуел на европските гиганти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

