Реал се мачеше, па доби пенал за победа

Реал Мадрид многу потешко од очекувањата славеше на гостувањето против Валјадолид, триумфирајќи со 0-2 со двата гола што ги постигна Карим Бензема.

„Кралевите“ се мачеа да ја претворат теренската иницијатива во водечки погодок, а на спротивната страна во неколку ситуации беа спасени од Тибо Куртоа, кој спречи водство на Валјадолид во неколкуте опасни акции што ги имаа домашните играчи.

Дуелот беше решен во 80. минута, кога Рудигер шутираше со глава, а топката закачи еден од домашните дефанзивци во раката. По интервенција од ВАР-собата главниот судија не само што покажа на белата точка, туку и се размавта со картони, исклучувајќи го Леон од Валјадолид за дополнителна тензија и на теренот и на трибините.

Карим Бензема беше сигурен реализатор на ударот од белата точка, носејќи ги трите бода што ги запечати со својот втор гол во 89. минута, на асистенција на Камавинга. Со овој триумф Реал моментно е на „плус еден“ од Барселона, која утре го игра својот меч од оваа рунда, на домашен терен со Еспањол.

Се вчитува...