Реал сепак ќе купува дефанзивец, желбата е Бонучи

Реал Мадрид тргнува во офанзива по потписот на Леонардо Бонучи. Шпанскиот првак сепак ќе ја зајакнува последната линија, иако „кралевите“ претходно најавија дека нема да купуваат замена за Пепе, на кого му истече договорот ова лето. Хесус Валјехо требаше да го пополни местото на португалскиот репрезентативец, но желбата на Зидан е да има на располагање искусен дефанзивец кој ќе му биде партнер на капитенот Рамос.

Иднината на Бонучи засега е неизвесна. Раководството на Јувентус тврди дека нема да го продава столбот на одбраната, иако за него интерес покрај Реал покажуваат и Челси, Сити и Јунајтед. Наводно Јувентус одбил една понуда од Челси вредна 60 милиони евра, но Конте е упорен, па сега од „старата дама“ сака двајца играчи, со Бонучи во пакет да пристигне и Алекс Сандро.

Добро познато е дека доколку Реал тргне во офанзива, многу ретко добива негативен одговор, па затоа за очекување е доколку „кралевите“ решат да влезат во трката, да го убедат италијанскиот ас пред да му пристапи на својот поранешен тренер Антонио Конте.

Сепак, приоритет за европскиот првак во моментов е убедување на Кристијано Роналдо да го смени својот став и да остане на „Сантијаго Бернабеу“, па дури потоа Флорентино Перез ќе се насочи кон доведување на нови играчи.

Се вчитува...