Бурно е во шпанската фудбалска јавност во пресрет на утрешното финале на Копа дел реј што треба да се игра во Севилја, откако судиите отворено се пожалија на притисокот што врз нив го врши Реал Мадрид со прилози на клупската телевизија.
Ваквата поплака од арбитрите ги налути „кралевите3 кои бурно реагираа, барајќи официјалните лица да бидат сменети, што експресно беше одбиено од страна на челниците на федерацијата. Реал Мадрид во знак на протест ги откажа сите планирани активности за денешниот ден, се закануваше и со неиграње на финалето, а вечерва шпанскиот гигант се јави и со соопштение со кое уште еднаш гласно побара федерацијата да реагира и да ги санкционира арбитрите за несоодветните изјави дадени на 24 часа пред големото дерби во финалето на Коипа дел реј.
„За нас како клуб неприфатливи се изјавите кои ги дадоа судиите делегирани за утрешното финале на Копа дел реј. Овие протести против видеа објавени од телевизија што ја штити слободата на говорот, јасно го потврдуваат анимозитетот што овие судии го имаат кон Реал Мадрид. Уште пошокантни беа изјавите во кои се заканувачки тон се повикуваше на судиско единство и солидарност, со што се појавува сериозен сомнеж во објективноста и фер-одлучувањето на натпревар што ќе го следат стотици милиони луѓе ширум светот. Со оглед на сериозноста на ситуацијата, Реал Мадрид се надева дека одговорните во федерацијата и во судиската организација ќе реагираат соодветно, преземајќи мерки за да го заштитат престижот на организациите што ги претставуваат“, се вели во соопштението на Реал Мадрид.
Од федерацијата нема сигнал дека ова барање на „кралевите“ би било прифатено во наредните часови или најдоцна до утре наутро, па останува да се види одговорот на Флорентино Перез, особено по заканите дека Реал би можел воопшто да не излезе на терен за ова големо финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА