Фенербахче оди чекор по чекор, во 2015 играше на Ф4, во 2016 го мина полуфиналето и несреќно загуби во големото финале, па турскиот гигант со право се надева дека годинава конечно ќе стигне до толку посакуваната „премија“ – титулата во Евролигата на фајналфор турнирот што годинава се одржува во Истанбул.
Тимот на нашиот Перо Антиќ ќе го игра второто полуфинале на денешната програма, во 20.30 часот излегувајќи на мегдан со Реал Мадрид, екипата што го освои првото место по регуларниот дел од сезоната во елитното европско натпреварување. Фенер ќе се обиде да ја повтори играта од лани, кога во четвртфиналето со максимални 3-0 го збриша Реал и стигна до пласман на Ф4. Турскиот шампион имаше многу осцилации во формата сезонава, но тоа се должеше и на бројните повреди на клучните играчи во изминатите месеци. Штом тимот се комплетираше, Фенер заигра во својот препознатлив ритам, во четвртфиналето го совлада Панатинаикос максимални 3-0, па сега ќе се обиде на домашен терен да стигне и до првата титула европски првак во клупската историја.
„Секогаш е тешко да се игра против Реал Мадрид, но ние сме подготвени. Ќе биде битка за секоја топка, како и секогаш, очекувам да одговориме на предизвикот. Се уште се сеќаваме на ланскиот фајналфор и загубената титула, овојпат мораме да бидеме стопроцентно фокусурани до последната секунда“ – изјави Екпе Удох од Фенербахче.
„Кралскиот клуб“ во својата историја има прославено девет титули европски првак, но по одличните настапи во текот на регуларниот дел од сезоната сега тренерот Ласо и неговите избраници со право се надеват дека годинава би можеле да стигнат и до јубилејната десетта европска круна. Реал играше на Ф4 во пет од последните седум сезони во Евролигата, а од петте полуфиналиња „кралевите“ триумфираа дури на четири, процент што сакаат уште повеќе да го подобрат на денешниот дуел со Фенербахче.
„За мене ова е прв фајналфор во кариерата и секако дека чувството е одлично. Не чувствувам дополнителен притисок, туку само желба да се прикажам во што подобро светло овој викенд“ – порача Лука Дончиќ, словенечкото чудо од дете кое со голем успех го носи дресот на „кралскиот клуб“ оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА