Реал Мадрид почна повторно да победува со доаѓањето на Сантијаго Солари за тренер, но на Флорентино Перез му е јасно дека борбата за трофеи ќе биде невозможна мисија доколку во меѓувреме не се засили и играчкиот кадар на актуелниот европски првак. Првиот човек на Реал неколку години наназад не донел топ-ѕвезда на „Сантијаго Бернабеу“, но сега е подготвен за тотална офанзива по Мауро Икарди.
Променливата форма на Бензема, врз кого падна целиот притисок по заминувањето на Роналдо, е причина ангажманот на нов голгетер да биде приоритет за „кралевите“. Икарди со години наназад е еден од најдобрите напаѓачи во „Серија А“, па „кралевите“ ќе се обидат да го доведат во Мадрид, како свој адут не само за вториот дел од оваа сезона, туку и за периодот што следи. Тој има клаузула за заминување во странство за 110 милиони евра, но проблем за Перез е што таа не важи во јануарскиот преоден рок. Се очекува првата понуда на Реал да изнесува околу 120 милиони евра, но интересно ќе биде да се види каков ќе биде одговорот на Интер, со оглед на фактот дека „нероаѕурите“ многу тешко би се откажале од својот главен играч среде сезона, кога е речиси неверојатно да најдат достојна замена за Икарди.
Останува и планот на „кралскиот клуб“ по завршувањето на сезонава да испрати мегапонуда за Еден Азар од Челси, а се најавува и доаѓањето на Паласиос како замена за Лука Модриќ, но и на уште еден квалитетен централен дефанзивец. Во случај да се реализираат најавите за заминување на Марсело во Јувентус, прв „пик“ на Реал во потрагата на нов лев бек е Алекс Сандро токму од таборот на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА