Стартуваше новата студентска година и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје кој оваа година бележи рекорден број запишани студенти во своите редови.
Се поголем е интересот на младите за физичкото образование, главно и поради препознаената нова уписна политика на факултетот која оваа година донесе раст од цели 15% во однос на минатата, а речиси 40% повеќе запишани студенти во однос на 2020 година.
Универзитетот „Кирил и Методиј“ има раст од 10% оваа година на запишани студенти во однос на минатата (5200 запишани студенти на Универзитетот оваа година), а Факултетот за физичко образование е еден од двата факултети, заедно со Економскиот факултет, при Универзитетот со најголем раст.
„Средношколците ја препознаа новата уписна политика и позитивната агитација кај матурантите навистина даде резултати со кои може да се гордееме. Овие рекордни бројки се постигнати во година во која, за жал, немаме ниту еден бруцош од малцинствата кој е факт кој треба да не загрижи, во секој случај, затоа што место интеграција одиме кон сегрегација“ – вели деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, проф.д-р Влатко Неделковски.
Насоката за професори по физичко образование е доминантна и носечка насока на ФФОСЗ, која е клучна и за насочување кон спортот на најмладите наши генерации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА