Најдобриот стрелец низ актуелната сезона во Првата лига, и апсолутен рекордор по бројот на постигнати голови во македонскиот шампионат во историјата, Бесарт Ибраими повторно е во македонската репрезентацијата.
По цели пет години Ибраими сега е на собирот на селекцијата на Благоја Милевски за пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија, што за него ќе биде 18-ти настап во националниот дрес за кој настапуваше до 2017 година.
Македонската селекција составена од фудбалери претежно од домашниот шампионат, вчера ги започна подготовките за контролниот натпревар против Саудиска Арабија на 22. октомври во Абу Даби. Првиот тренинг на тренинг центарот „Петар Милошевски“ го одработија сите повикани фудбалери со исклучок на Дарко Велковски. Нашиот интернационалец во Абу Даби ќе му се приклучи на тимот.
Бесарт Ибраими не крие дека секогаш е убаво чувството кога се настапува во дресот на македонската репрезентација.
„Убаво е чувството повторно да се биде во дресот на репрезентацијата. Сите што сме овде треба максимално одговорно да ја сфатиме нашата задача и да се обидеме да направиме позитивен резултат против Саудиска Арабија. Не очекува силен предизвик. Противникот се подготвува за настап на Светското првенство и веројатно ќе бидат мотивирани за победа и зголемување на самодовребата пред почетокот на Светскиот шампионат. Наше е да го покажеме квалитетот, да ја оправдаме довербата на селекторот и да потврдиме дека и во нашата лига има фудбалери со репрезентатитевен потенцијал“ – вели Ибраими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА