Рекордни 10.000 учесници на „Виз-ер Скопскиот маратон 2018“

Повеќе од 10.000 учесници од 58 земји од светот ќе бидат дел од годинашното издание на „Виз-ер Скопскиот маратон“ кој в недела (6. мај) се одржува во нашиот главен град. Рекорден број учесници на манифестацијата која зема се поголем замав, не само во Македонија но и во регионот.

„Оваа година ќе има рекорден број од преку 10.000 учесници од 58 земји, се надевам дека ќе не послужи убаво време и дека Скопскиот маратон ќе се покаже во најубаво светло“ – истакна директорот на маратонот, Кире Синадиновски на денешната прес-конференција, на која присуствуваа и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

Главен промотор на годинашното издание на маратонот е светски познатата маратонка Пола Редклиф која ја потенцираше вербата дека сите учесници на вистински начин ќе уживаат во маратонската трка…

„Сум слушнала навистина многу убави зборови за Виз-ер Скопскиот маратон и драго ми е што пристигнав во Скопје, во Македонија. Се надевам дека сите учесници ќе уживаат во трката и ќе си ги остварат своите зацртани цели“ – рече Редклиф на средбата со медиумите.

Виз Ер Скопски маратон константно се надградува и оваа година како дел од настанот се вклучија македонските радија, познати ДЏ-и, бендови и оркестри со цел да ја збогатат целата патека со музика и забава. Неодамна беше пуштена во употреба и новата мобилна апликација за Виз Ер Скопски маратон на која секој заинтересиран може да ги следи своите омилени тркачи во живо.

Во склоп на Виз Ер Скопскиот маратон ќе се одржи и Детски мини маратон во сабота, 05. мај, во 10 часот во општина Аеродром во парк „Авион“. Партнер на Детскиот мини маратон е УНИЦЕФ.

 

Се вчитува...