Ремили штрајкува во Киелце, бара што поскоро да замине во Веспрем

Раководството на Киелце успеа да го „закрпи“ буџетот за клубот да постои на ова ниво најмалку до крајот на сезонава, но на ракометарите им е јасно дека блескавото време на полскиот гигант изминува, па почнаа да си бараат чаре и нов ангажман.

Прв кој ќе повлече нога ќе биде Недим Ремили, францускиот десен бек кој неодамна пристигна од ПСЖ, а сега инсистира на трансфер во Веспрем. Унгарскиот гигант веќе ги договори личните услови со „бомбардерот“, но проблем претставува што Киелце инсистира на отштета од еден милион евра. И додека клубовите преговараат за отштетата, Ремили одбил да тренира со остатокот од тимот во последните денови, поради што нема да настапи ниту на наредниот меч од ЛШ против Кил.

„Не сакам да коментирам додека се преговара за трансфер, тоа е се што можам да кажам околу Ремили. Среќен сум што во тимот имам други ракометари од највисока класа кои се максимално посветени на Киелце“, изјави тренерот Талант Душебајев.

Се вчитува...