ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Синоќешното реми со Португалија е многу важно за Македонија, останавме во игра за второто место во групата, но овој бод може да биде драгоцен и да донесе значајна привилегија за нашата национална селекција.
Победа над Романија би значела дека ќе го освоиме најмалку третото место во групата, и тоа со три освоени бодови, со што би биле меѓу најдобрите третопласирани репрезентации на шампионатот, што е многу важно за претстојната ждрепка за баражот за СП 2027.
Согласно пропозициите на ИХФ, патот до следниот мундијал ќе се одвива преку два баражи, а доколку сме трети со три освоени бода, сигурно ќе бидеме во Топ 16, директно би оделе во вториот бараж, а таму би ја имале улогата на носители. Ова значи дека за ривали би имале една од последните селекции во групите од ова ЕП, најлошите две третопласирани селекции, или некоја од репрезентациите со послабо реноме што ќе се пласира преку првиот бараж.
Секако, најпрвин мораме да ја совладаме Романија за да уживаме во оваа „привилегија“, бидејќи евентуален несакан пораз во последното коло утре ќе значи и освојување на последното место во групата и далеку потежок пат до мундијалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

