Ремонт во Рома: Со Мончи си одат и тројца клучни фудбалери

Рома повторно е предалеку од врвот на табелата во италијанското првенство, сега виси и пласманот во ЛШ за следната сезона, па челниците на „волчицата“ се подготвени да направат ремонт и во управата и во играчкиот кадар. Римјаните беа горди кога го донесоа за директор Мончи, „мозокот“ зад успесите на Севилја, но Шпанецот не ги оправда очекувањата на „Олимпико“. Токму затоа раководството на Рома не ги блокира неговите преговори со Арсенал, каде Мончи повторно ќе соработува со поранешниот тренер на Севилја, Унаи Емери, а италијанскиот клуб ќе добие отштета од неколку милиони евра за предвремениот прекин на соработката со директорот.

Покрај Мончи, од „Олимпико“ во текот на летово ќе си заминат и тројца фудбалери кои важат за лидери во овој тим. Турскиот ас Ченгиз Ундер е достапен за отштета од околу 45 милиони евра, пари што ќе ги плати Мончи, но како директор на Арсенал, за да го одведе овој крилен офанзивец во Лондон.

Един Џеко и сезонава е најдобар стрелец, но римјаните сакаат да го продадат босанскиот ас додека може да се наплати заминувањето на 33-годишниот голгетер. Неколку премиерлигаши се интересираат за Џеко, кој би можел да се врати во лигата каде со успех настапуваше за Манчестер сити.

Третиот ас чие заминување е најавено е дефанзивецот Костас Манолас. Грчкиот ас во последните две години одби богати понуди од Челси, Манчестер јунајтед и Барселона, но Рома овојпат е решена да го продаде овој одбранбен фудбалер, за чии услуги ќе бара 60 милиони евра.

Се вчитува...