Ренато Санчез решен да си замине од Баерн

Ренато Санчез е подготвен да си замине од Баерн Минхен и да се пресели во клуб каде би имал повеќе шанси да ги покаже своите квалитети. Младиот Португалец дојде минатото лето на „Алијанц арена“ од Бенфика, беше стартер на почетокот од сезоната, но по слабите партии го загуби првотимскиот статус. Во меѓувреме минутажата не му се промени, па сега самиот Ренато инсистира да му биде дозволено да си замине.

Лично и јас самиот не сум задоволен од она што го одиграв во првата сезона. Причини има многу и не сакам да навлегувам, но кога станува збор за следната сезона, имам јасен став дека треба да бидам во клуб каде ќе играм многу почесто. Кога ќе се вратиме од турнејата низ Азија ќе седнам на разговори со челниците на Баерн“ – изјави Санчез по победата над Челси во Сингапур.

Жозе Мурињо го сакаше Санчез во Манчестер јунајтед и минатото лето, па португалскиот стратег ќе испрати понуда до Баерн за услугите на овој 20-годишен талентиран играч за врска. Интерес покажуваше и Барселона, како и Јувентус, но „црвените ѓаволи“ во моментов важат за фаворити во трката по Ренато.

Се вчитува...