Ренова е пред згаснување, се откажува и од Првата лига!?

Голема е веројатноста екипата на Ренова да не се натпреварува следната сезона во Првата лига. Според информациите на ЕКИПА, фудбалерите се веќе распуштени и им е соопштено да си бараат нова средина, а исто така екипата во следните денови ќе ја информира и ФФМ дека следната сезона нема да се натпреварува во Првата лига.

Според нашите информации, Ренова нема целосно да згасне, туку ќе биде префрлена во најнизок ранг, и ќе почне од „нула“ се додека не се направи стадионот во Џепчиште кој е во фаза на изградба. Потоа е најавено дека повторно тимот ќе се „рестартира“ и дека ќе се врати во прволигашката конкуренција. Имаше варијанта следната сезона екипата да настапува со младинци, но од тоа нема ништо да се случи.

Ренова веќе им се заблагодари официјално на седуммина фудбалери кои си одат од екипата, а сега ќе си одат и останатите играчи. Многумина од нив веќе имаат најдено клубови каде ќе ја продолжат кариерата.

Ренова е поранешен првак на Македонија во 2009/10 и освојувач на Купот во сезоната 2011/12.

Доколку ова се оствари, пред ФФМ и УО останува да одлучи како ќе се потполни испразнетото место во прволигашката конкуренција за идната сезона.

Се вчитува...