Нема враќање во Македонија, туку „кам-бек“ во Србија. Стефан Ашковски официјално е нов фудбалер на Раднички Ниш. После една деценија мината низ разни клубови во Европа, Ашковски се враќа во српскиот фудбал.
Ашковски веќе еднаш беше пред потпис со овој клуб, но во последен момент трансферот пропадна, па сега се реализираше. Последен клуб во кој настапуваше беше Етникос Ахна, а беше поврзуван и со Вардар.
„Раководството на клубот, предводено од првиот човек Ивица Тончев, сакаше да дојдам во Раднички пред две години, но имаше проблеми со документацијата. На наше заедничко задоволство, сега сè е во ред. Раднички е клуб со богата историја, традиција и има свои навивачи. Луѓето од Ниш го сакаат фудбалот, па затоа сум многу задоволен и од тој аспект. Би сакал да постигнам подобар пласман оваа сезона од минатата година. Да стигнеме до плејофот. Моите амбиции и амбициите на клубот се совпаѓаат. Знам дека ќе дадам се од себе на секој тренинг и на секој натпревар за да ги оствариме нашите цели“, рече Ашковски по трансферот.
Ашковски беше дел од Партизан од 2012 до 2015 година, но настапуваше на позајмица во Доњи Срем и Напредак Крушевац, како и во Нови Пазар. Беше дел и од тетовска Шкендија, а играше во Ерчијеспор од Турција, потоа во Фортуна Ситард од Холандија, па мина на позајмица во Горник Лечна, во 2018 потпиша за Славија Софија, потоа во Ботошани, па во Сепси, Ламија, Алашкерт, Шанлиурфаспор, за на почетокот на оваа година потпише за Етникос Ахна. За репрезентацијата на Македонија има 37 настапи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

