Македонската фудбалска репрезентација ја запишува зад себе најуспешната година во историјата на репрезентативниот фудбал. За првпат во својата историја низ една календарска година сениорскиот национален тим е без пораз на официјален квалификациски натпревар во рамките на европските натпреварувања.
Македонија, предводена од Благоја Милевски, во 2024 година ќе остане забележано дека на шестте официјални УЕФА натпревари запиша пет победи и едно реми, испишувајќи и серија рекорди за А-репрезентацијата кои, се чини, го потврдуваат фактот дека националниот тим го изгради полека посакуваниот лик по дебаклот од Англија на „Олд Трафорд“ во јуни 2023 година. За нешто повеќе од само една година, македонската селекција , без разлика на тоа колку и ние да сакаме да ја потценуваме групата во која се наоѓавме, повторно резултатски блесна со пласманот и во Б-сегментот од Лигата на нациите, но и речиси обезбедениот бараж за место на Светското првенство 2026.
Тимот пред поединецот е принципот на кој успешно се изгради оваа нова македонска репрезентација со, како што потенцираат самите репрезентативци, повторно вратена беспрекорна атмосфера во соблекувалната. На вистински начин Милевски и неговиот стручен штаб повторно ги склопија „коцките“ на неопходната хемија со континуирано но внимателно вметнување нови првотимци кои и тоа како ја оправдаа довербата во периодот на сериозна транзиција. Предводена од „староседелците“, Барди, Димитриевски, Елмас, Трајковски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Зајков, Ристовски…, сега на вистински начин освежена и со веќе незаменливите Миовски, Чурлинов, Серафимов, Атанасов…, но и новите ‘откритија’ кои донесоа нескриен квалитет на тимот како Исник Алими и Лирим Ќамили, Македонија има веќе состав за максимално надигрување со противниците во квалификациската група за пласман на Мундијалот 2026.
Изминатава 2024 година ќе остане запаметена по серијата рекорди кои остануваат запишани зад националниот тим…
– Со пласманот во Б-сегментот од Лигата на нациите Македонија првпат во историјата ќе биде меѓу ТОП 30 селекции во Европа.
– Македонската селекција во континуитет вторпат едноподруго, во два последователни циклуси, по оној за пласман на СП 2022, веќе е со огромни шанси да се избори за нов бараж за Светско првенство – што би бил најголем успех на македонскиот фудбал. Дел од 16 селекции кои ќе разигруваат за место на светскиот собир во 2026 година.
– Селекторот Благоја Милевски е најуспешниот македонски селектор во историјата. Погледнувајќи го резултатскиот ефект на официјалните квалификациски дуели во рамките на натпреварувањата на УЕФА, досега е со процентуална успешност од 56,9%, или од 29 официјални натпревари на кои ја водел Македонија завршил со 13 победи, 7 ремија и 9 порази. Зад него на листата е неговиот претходник Игор Ангеловски со 53,75% успешност, или од 40 натпревари завршувајќи со 18 победи, 7 ремија и 15 порази, пред Ѓоко Хаџиевски со 46,67% успешност.
– Милевски успеа по цели 30 години да го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Па, сега Милевски е со пет едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го рекордот на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.
– Македонската селекција во 2024 година го собори и рекордот на најдолга низа без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија сега има низа од седум едноподруго натпревари без пораз (пет победи со Ерменија (2), Летонија (2) и Фарски острови, и две ремија со Англија и Фарски острови) на официјални дуели под капата на УЕФА. Последниот пораз на македонската репрезентација беше на 17 ноември 2023 година од Италија на гостувањето во Рим.
– Голманот Столе Димитриевски во 2024 година го подобри сопствениот рекорд на несовладливост. Со двете ноемвриски победи против Летонија (1-0) и Фарските острови (1-0) Димитриевски дојде до 531 минута со незатресена мрежа, што е апсолутен рекорд во македонската репрезентативна историја.
– Македонија првпат во историјата, со двете победи над Летонија, против една селекција со која има најмалку пет одиграни натпревари има максимален ефект. Против Летонците сега Македонија има пет победи од исто толку меѓусебни дуели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА