Репрезентативци од Алкалоид и од Мулти Есенс дел од проектот на ЕХФ – „Почитувај го својот талент“ (ФОТО)

Тројца македонски репрезентативци од РК Алкалоид и РК Мулти Есенс беа дел од проектот „Почитувај го својот талент“ организиран од страна на Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Вкупно 30 млади ракометари од цела Европа кои оставија впечаток на М18 ЕХФ Европското првенство во Црна Гора беа поканети на годишниот камп во Виена. Меѓу нив беа и нашите млади ѕвезди Дамјан Митев, Марин Крстевски и Ѓорѓи Николовски.

На кампот, младите таленти имаа можност да учат и да разговараат за теми надвор од теренот со легендарните ракометни амбасадори на ЕХФ како Данецот Ханс Линдберг, потоа Љубомир Врањеш од Шведска, Словенецот Вид Кавтичник, Шпанецот Карлос Прието.

Темите кои ги обработуваа вклучуваа нутриционизам, управување со социјални медиуми, анти-допинг политика, двојни кариери, психолошки подготовки, спортски закони, притоа секоја тема беше анализирана и одработена со помош на експерти, што го направи овој камп незаменливо искуство за младите македонски ракометари.

„Сакам да стигнам до врвот, дефинитивно. Знам дека тоа е тешка задача, но има време и мислам дека сме на вистинскиот пат. Небото е граница, со советите што ги добивме од амбасадорите, се е возможно. Тие ни ја раскажаа својата приказна и тоа ќе ни биде многу корисно во иднина“ – истакна Марин Крстевски.

Се вчитува...