Репрезентацијата „полни“ 29 години: Желбата е нов пласман на големо натпреварување

Репрезентацијата на Македонија на денешен ден пред 29 години го одигра првиот, историски натпревар. Во Крањ во Словенија, веќе добро е познато дека ги поразивме Словенците со 1-4, што беше прв настап на Македонија како независна држава.

Лани националниот тим дочека да се пласира на едно големо натпреварување, а во оваа година за „влакно“ ни избега Мундијалот во Катар. Во бараж натпреварите ни паднаа најсилните противници Италија и Португалија. Италија успеавме да ја „шокираме“, но Португалија застана на патот кон Катар.

Во годинава која изминува, се радувавме на успехот во Палермо, но тагувавме потоа во Порто, тагувавме и во Лигата на Нации каде не успеавме да бидеме на првото место и да избориме пласман во баражот за ЕП 2024. Во квалификациите Македонија доби силни противници во реномираните Италија и Англија, а тука се Украина и Малта, па така патот до Германија за две години ќе биде трнлив и со многу пречки.

Сега стигнуваат и нови фудбалери и нови селектори, а желбата е само една – повторно да ја пееме македонската химна на едно големо натпреварување.

Во меѓувреме, да се потсетиме низ видео на тој натпревар од Крањ пред 29 години, на 13. октомври 1993 година, датумот од кој почна сѐ.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)

Се вчитува...