Македонските фудбалски репрезентативци денеска се собираат во Фојсисберг, Швајцарија, каде наредниве денови ќе бидат одработени подготовките за престојниот натпревар од Лигата на нациите против Лихтенштајн на 16. ноември во Вадуц.
Стручниот штаб на националниот тим одлучи подготовките да бидат реализирани во Швајцарија, каде база ќе биде хотелскиот комплекс „Панорама ресорт“.
Според информациите од селекцијата, по денешниот прв собир од 12 часот за попладне е планиран и првиот тренинг во Швајцарија. Денешниот тренинг, согласно најавите, единствено ќе го пропуштат капитенот Горан Пандев и Езгијан Алиоски кои на репрезентацијата ќе се приклучат во вечерните часови.
Репрезентацијата предводена од Игор Ангеловски во Фојсисберг, кој е на 50 километри од Вадуц, останува до четврток кога се заминува заЛихтенштајн, пред дуелот во петок закажан од 20:45 часот.
Веднаш по натпреварот со Лихтенштајн македонската селекција се враќа во Скопје каде ќе финишира со подготовките за последниот натпревар од групната фаза во Лигата на нации, против Гибралтар на 19. ноември на националната арена „Филип Втори“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА