Репрезентацијата треба да е светост: Кошаркарите писмено ќе се изјаснат зошто би одбиле да дојдат во националниот тим

Кошаркарската репрезентација на Македонија за петнаесетина дена би требало да го одржи првиот собир во пресрет на претквалификациите за СП 2026, а новиот селектор Марјан Илиевски се уште нема јасна слика околу тоа кои кошаркари ќе ги има на располагање во текот на летово.

Од она што го најави на воведната прес-конференција, Илиевски е информиран дека неколку од поискусните кошаркари најавиле дека летово од различни причини нема да можат да одговорат на повикот од националниот тим, но од федерацијата најавуваат новина – ќе побараат писмено известување од секој повикан кошаркар дали ќе се појави на собирот или доколку тоа не е случај, причината да ја образложи писмено.

„Репрезентацијата треба да е светост, а за жал ние се доведовме во ситуација да се молиме да играме за сениорската национална селекција. Во минатото се било правено на база на некои приватни разговори, но ние сакаме се да биде чисто и транспарентно. Следната седмица ќе објавиме список на повикани играчи, а потоа од секој од нив ќе биде побарано да одговори, дали ќе дојде или ако не е во можност, да ја напише причината за неиграњето. Ако станува збор за повреда, ќе треба да дојде, да биде прегледан детално од нашиот медицински тим и потоа да биде утврдено дали тој навистина може да ни биде на располагање или не… Од самиот почеток најавивме дека ќе бидеме транспарентни, ова е нашиот начин, сакаме јавноста да биде информирана точно кој сака да игра за репрезентацијата, а кој не, и од кои причини. Нам ни требаат кошаркари кои ќе се ежат кога ќе се интонира химната, да се борат за националниот дрес“, порачаа од КФСМ на денешниот брифинг со новинарите.

Ставот на селекторот Илиевски и на водечките луѓе од федерацијата е јасен – оние кои ќе дојдат да помогнат во овој период се оние на кои тој ќе смета во иднина.

„Има одредени ставови што ги слушам, некои кошаркари би паузирале летово, но потоа би дошле да помогнат од ноември, па во иднина… Тоа нема да се случи, јас можам да кажам дека оние кои ни се потребни сега и кои ќе дојдат кога ни е најпотребно, тоа се оние околу кои ќе се гради репрезентацијата во наредниот период. Тоа не е само мој личен став, туку и на сите во федерацијата, треба да сме сплотени во овој важен период кога е неопходно репрезентацијата да почне да се движи во позитивен правец“, истакна Илиевски.

Се вчитува...