Позитивна беше атмосферата на денешниот прв собир на кошаркарската репрезентација на Македонија, на која Јорданчо Давитков почна да го остварува она што се очекува од него – најпрвин да го подобри тимскиот дух, а потоа да го искористи тоа за да стигне до позитивни резултати во претквалификациите.
Играчкиот кадар се уште е ограничен, во исчекување на Американецот Теодор и дилемите кои постојат кај дел од неизвесните кошаркари, но радува решеноста кај сите присутни – разочарување од претходните квалификации да се претвори во мотив, за со добри игри и резултати во август репрезентативната кошарка да го запре „слободниот пад“ и повторно да почне да се движи во нагорна линија.
Антиќ и Чековски се уште не се изјаснија дали ќе играат, но како искусни асови дојдоа да дадат поддршка на проектот на Давитков, пред кого несомнено е тешко искушение. За негова среќа, крај себе ќе го има Тодор Гечевски, легендата на македонската кошарка кој сигурно ќе има што да ги посоветува помладите.
Ова е само почеток, но во секој случај позитивна „вибрација“. До дуелите со Косово и Естонија има сосема доволно време за докомплетирање на ростерот и успех во овие претквалификации. Влогот е огромен, но Македонија има капацитет да одговори на овој предизвик.
[new_royalslider id=”696″]
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА