ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски
Вардарки ќе се имаат втроа шанса да се изборат за титула во Лигата на шампионите! македонскиот шампион во полуфиналниот дуел го победи Ростов Дон со 25-19 и обезбеди второ финале по ред на Ф4 турнирот од ЛШ во Будумпешта. И шанса да му се реваншира на Ѓер за ланскиот пораз во натпреварот за европскиот трон. За Вардар ова е рекорден петти настап на завршниот турнир во ЛШ и воедно последна шанса за овој состав да ја освои долго посакуваната европска титула. Вардарки играа за себе и се изборија за уште едно европско финале за збогум со стил.
За око здодевна, но резултатски и тоа како исплатлива игра прикажа Вардар на патот до своето второ финале во Лигата на шампионите. Искуството на петкратниот учесник во завршницата на ЛШ во последните пет години, наспроти дебитантот во големната европска четворка, беше пресудно во тактичкото надмудрување во полуфиналето со многу дуели и малку голови.
Воиграност, желба и силна мотивираност, демонстрираа вардарки на стартот од полуфиналето против Ростов Дон. По почетното водство на рускиот тим, Андреа Пенезиќ го постигна првиот погодок, а потоа следуваше серија на Вардар од 4-0 и десетминутна доминација на „црвено-црните“ предводени од Амандин Лејно. Француската репрезентативка на голот на Вардар, запиша шест одбрани во првата четвртина од вкупните девет во првото полувреме и беше столб на стабилност во играта на македонскиот шампион во оваа фаза од натпреварот.
Следуваа минути со малку голови, спора игра, тактичко надмудрување и игра на нерви и за актерите на теренот и навивачите на двата тима сместени на аголниот дел од трибините во „Ласло Пап Арена“ во која сепак, доминантна е зелената боја на навивачите на домашниот Ѓер, сега театарски опуштени и незаинтересирани за второто полуфинале.
Во невообичаено мирното полувреме без динамика и без голови, само одбраните на Амандин Лејно малку ја подигнуваа атмосферата и го држеа Вардар на солидни 2-3 гола разлика. „Црвено-црните“ ја префрлија границата од 10 гола дури во 29 минута кога Јованка Радичевиќ погоди за 7-10, а Ростов Дон остана едноцифрен по првите 30 минути во своето деби на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите.
Радичевиќ го затвори првото и со погодок го отвори второто полувреме за нови +4 на Вардар (7-11). Тешкиот ритам на игра со долги напади продолжи и во овој дел од мечот. Вардар мудро ја одржуваше предноста користејќи ги чистите шанси за погодок. Ростов Дон остана затекнат од ваквата игра на „црвено-црните“. Тренерот Федерик Бужан се обидуваше да најде решение во оваа „шаховска“ тактика, но искуството и квалитетот, а и солидната гол-предност беа на страната на „црвено-црните“.
Во 40.минута вардарки стигнаа до највисоки +6 (9-15), а Ростов Дон малку потоа до својот десети погодок на овој дуел. на стартот од последната четвртина, рускиот тим успеа да ја преполови разликата (12-15), но грешката на клупата на Вардар во предвреме притиснатото копче на електронскиот тајм-аут, можеше скапо да го чини македонскиот шампион во финишот на мечот. на Вардар му беше одземен нападот, а Ростов Дон ја искористи својата шанса и намали на 13-15 иако во овој напад остана без Ана Паула Родригез која се повреди и беш изнесена од терен.
За среќа, вардарки ја сочуваа смиреноста и концентрацијата, а Андреа Пенезиќ беше прецизна во вистински момент. Во последните минути, Вардар веќе сигурно чекореше кон ново европско финале. ина Суслина одбрани седмерец, Андреа Лекиќ поентираше за 18-23 и стави точка на полуфиналето на три минути пред крај.
Андреа Пенезиќ и Андреа Лекиќ постигнаа по седум гола, но најголема заслуга за победата дефинитивно оди кај Амандин Лејно која запиша 15 одбрани. Кај Ростов Дон најефикасна беше Екатерина Илина со пет гола.
Утре (18 ч.) Вардар против Ѓер ќе игра во финалетото за првата европска титула.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА