Барселона и голманот Марк-Андре тер Штеген се пред решавање на конфликтот кој го имаа во изминатите недели. Германскиот голман претходно беше подложен на операција на грбот и одби да потпише медицински извештај за комисијата на Ла Лига. Одобрувањето на овој извештај ќе му овозможеше на тимот да го регистрира новодојдениот чувар на мрежата.
Како резултат на тоа, клубот покрена дисциплинска постапка и одлучи привремено да му го одземе статусот на капитен на првиот тим на Тер Штеген. Во петокот, голманот ја коментираше ситуацијата и изрази надеж дека конфликтот ќе биде решен. Сега Каталонците го објавија своето соопштение.
Барселона објави дека Марк-Андре тер Штеген му дал зелено светло на медицинскиот тим на клубот за обработка на задолжителниот медицински извештај од Ла Лига во врска со операцијата.
„Дисциплинската постапка се смета за затворена и на играчот веднаш ќе му биде вратена капитенската лента на главниот тим“, се вели во соопштението на Барселона.
Тер Штеген објави дека не знаел дека целата негова ситуација може да влијае на регистрација на фудбалерите.
„Последните неколку месеци беа особено тешки за мене, и физички и лично. Откако се повредив, мојот прв приоритет отсекогаш бил да се вратам на теренот што е можно поскоро, чисто од желба да му помогнам на тимот и да го правам она што најмногу го сакам: да се натпреварувам.“
Многу се зборуваше за мене во последните недели, некои од нив сосема неосновани. Затоа сметам дека е важно со почит, но јасно, да ја искажам мојата страна од приказната.
Одлуката за операција беше донесена по консултација со медицински специјалисти и беше целосно поддржана од клубот. Нашата цел отсекогаш била да го ставиме моето здравје и долгорочната спортска кариера на прво место. Овие цели, секако, се во целосна согласност со целите на Барселона, да се вратиме во акција што е можно поскоро и да продолжиме да се бориме за титули.
Покрај тоа, јавно го објавив минималниот период на опоравување што ми е потребен, што ми го соопштија најавторитетните специјалисти, и ова отсекогаш било договорено со клубот. Исто така, би сакал да разјаснам – со оглед на некои претпоставки – дека сите потписи и продолжувања на договорите од страна на клубот беа завршени пред мојата операција. Затоа, на никаков начин не би можел да претпоставам дека мојата непријатна ситуација со претстојната нова операција ќе влијае на регистрацијата на другите соиграчи, кои длабоко ги почитувам и со кои се радувам да ја делам соблекувалната уште многу сезони. Секое друго толкување ми изгледа неправедно и неточно.
Во текот на мојата кариера, секогаш се трудев да се однесувам професионално, со почит и лојално кон клубовите што ги претставував. Имам длабока приврзаност кон Барселона, овој град и неговите луѓе кои ме поддржуваа толку многу години. Мојата лојалност кон овие бои останува безусловна.
Разбирам дека тешките времиња можат да создадат тензии, но уверен сум дека преку дијалог и одговорност можеме конструктивно да ја решиме оваа ситуација. Целосно сум посветен на соработка со раководството на клубот за решавање на ова прашање и добивање на потребното решение.
Многу работи можат да се променат, но едно никогаш нема да се промени“, напиша голманот на Барселона на социјалните мрежи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

