Сер Џим Ретклиф и официјално го откупи малцинскиот дел од акциите во Манчестер Јунајтед (27,2% од вкупните акции), со што британскиот милијардер доби зелено светло за активно да раководи со клубот, преземајќи ја оваа улога од семејството Глејзер кое е критикувано од јавноста и од навивачите на „црвените ѓаволи“.
Ретклиф во прв момент му изрази поддршка на Тен Хаг, но извори блиски до него тврдат дека Јунајтед на крајот од сезонава ќе го смени холандскиот стратег и ќе донесе нов тренер со кој ќе ја стартува сопствената ера во клубот од „Олд Трафорд“. Според англиските медиуми, тој сонува на чело на Манчестер Јунајтед да го донесе Зинедин Зидан, прославениот фудбалски ас кој и како тренер и како играч освои се што можеше да се освои.
Зидан веќе неколку години е без ангажман откако извиси чекајќи Французите да го сменат Дешамп од селекторската функција на „триколорите“. Легендарниот Зизу минатата седмица објави дека е решен да се врати на фудбалот, но останува да се види дали ќе почека до ЕВРО 2024 за евентуално да седне на клупата на Франција или претходно ќе постигне договор со некој од клубовите што искажаа интерес да го доведат во своите редови.
Баерн Минхен исто така ќе се обиде да го убеди Зидан, но Ретклиф нема намера да се откаже и ќе му понуди на Французинот огромна плата, но и неверојатен буџет за нови засилувања. За да не се прекршат правилата за финансиски ферплеј, Јунајтед ќе продаде и дел од скапите засилувања од претходните години, листа предводена од Кашемиро и Ентони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА