Македонија со победа го стартуваше настапот на СП во Франција, откако „црвено-жолтите“ со фантастичен настап успеаја да слават над Тунис со резултат 34-30. Избраниците на Лино Червар одиграа јуначки, искусно ги чекаа моментите на слабост на противникот, а пота за десетина минути ја претворија негативата од четири гола во конечна победа. Поразот од Гдањск останува во минатото, а овој триумф најавува светла иднина за македонскиот репрезентативен ракомет.
Со експеримент се почна буквално од првата секунда, Македонија го имаше првиот напад и тргна без голман, со Велко Маркоски како втор пивот. Миркуловски го погоди првиот, а Кире Лазаров вториот напад за Македонија, па набрзина поведовме со 2-0. Во следните два напади Мисауи ги запре обидите на Георгиевски и на Манасков, па Тунис експресно дојде до израмнување.
Во одбраната почнавме со 5-1 и Велко Маркоски како најистурен, но бековите на Тунис влегоа во ритам и преку Жалуз противникот за првпат поведе (2-3). Во нападот во ритам влезе Стоилов, кој со три брзи гола повторно го сврте резултатот во полза на „црвено-жолтите“ за водство од 7-6, а при 8-7 во игра влезе Талески како најистурен играч во дефанзива. Кире Лазаров го продолжи своето шутерско шоу, па со неговиот четврти погодок Македонија за првпат дојде до „плус два“ (9-7).
Во 21. Минута дојде и првото исклучување за Македонија, Миркуловски го напушти теренот по стартот врз Жалуз, при водство од 10-9 за нашиот национален тим. Георгиевски немаше свој ден, промаши трет шут во низа, но на спротивната страна украде топки, по која голманот Трајковски фрли контра до Манасков, а нашето лево крило погоди за водство од 11-10. Во 26. Минута, при негатива од 11-12, шанса во нападот доби и Талески, кој го замени Марко Нелоски. Новиот ракометар на Некар Левен даде два гола во низа, но Тунис сепак замина на одмор со минимална предност од 13-14.
Второто полувреме донесе сериозни проблеми, Тунис влезе во ритам, погоди и два пати од својата половина, па африканските вицешампиони набрзина поведоа со три гола разлика (15-18, па 16-19). Судиите од Кореја продолжија со чудни одлуки, па по недосуден очигледен прекршок над Стоилов противникот пак погоди со својата половина. Згора на тоа, при резултат 16-20 останавме со двајца играчи помалку по исклучувањата на Талески и селекторот Червар. И во таква ситуација дадовме гол преку Стоилов, но одбраната на чело со голманот Колев воопшто не функционираше.
Во 39. минута конечно се вративме во ритам, дадовме два гола во серија со пенали на Кире Лазаров, но Дејан Манасков заработи негодна повреда на скочниот зглоб откако го згазна врз ногата Хосни. Тунис возврати со сопствени два гола за ново водство од четири погодоци (20-24), но во следните две минути изнудивме две исклучувања на противничките ракометари и повторно дојдовме на „минус два“ (22-24). Колев првата одбрана во второто полувреме ја имаше по дури 14 минути игра, а противниците во моментите на немоќ продолжија со груба игра, па добија ште едно исклучување.
Македонија знаеше како да ја искористи предноста, па со голот на Стоилов израмнивме на 25-25. Сепак, ведна по комплетирањето Тунис повторно даде два гола, па Червар при резултат 25-27 се реши да го повлече Колев и на голот да го врати Трајковски. Манасков, кој во меѓувреме се врати на теренот намали на 24-25, а во следниот напад Лазаров со својот единаесетти погодок донесе ново израмнување. Капитенот го реализираше и следниот напад, а откако конечно успеавме да се одбраниме и украдеме една топка, Манасков со својот петти гол донесе водство од 29-28, принудувајќи го селекторот на Тунис на тајмаут на осум минути до крајот.
Трајковски одбрани две клучни топки, а Манасков погоди уште еднаш од контранапад,, па во последните пет минути влеговме со предност од огромни три гола (31-28). Дури и Ваел Жалуз почна да греши, а Македонија знаеше како да го искористи тоа, мајсторски гол од пикер постигна Никола Маркоски, пред Манасков од полуконтра да зголеми на 33-29 на помалку од три минути до крајот. Финишот беше рутина, Македонија знаеше како да ја задржи предноста до самиот крај, за конечни 34-30.
Кире Лазаров беше вистински лидер на нашиот состав со 12 погодоци, а по седум постигнаа Манасков и Столе Стоилов, за фантастичен старт на овој шампионат пред саботниот дуел со Ангола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА