Револт кај македонските ракометари, сместени на планина, тренираат во ладна сала

 

arbervil baner

Организацијата на Светското првенство во Франција е далеку под нивото. Македонските ракометари и во осминафиналната фаза завршија изолирани на планина на еден час возење до Албервил каде што утре го играат осминафиналниот натпревар против Норвешка. И во Мец, македонската репрезентација секој ден патуваше по 20 км до салата, а во изолација на планина се и пред осминафиналето.

Македонската репрезентација е сместена во местото Брид ле Бен во непосредна близина на Куршавел, местото каде што пред три години настрада Михаел Шумахер. Според информациите од нашиот табор, сместувањето и условите за тренинг се далеку под нивото на едно Светско првенство. Собите во хотелот се мали, а денеска тренираа во ладна сала во близина на хотелот.

За ова веќе е реагирано и до надлежните во ИХФ бидејќи слични поплаки има и од другите учесници на ракометниот мундијал.

Дополнителен проблем за македонската репрезентација е што во близина нема болница, па не може точно да се дијагностицира каква е состојбата со повредите на играчите. Засега најкритична е состојбата кај Дејан Манасков кој има скинат мускул и според информациите од нашиот стручен штаб, за него ова првенство најверојатно е веќе завршено. Неизвесна е и состојбата на Филип Миркуловски кој исто така се повреди на вчерашниот меч против Исланд. Тој денеска не тренираше, но сепак постои надеж дека утре ќе биде во составот на македонската репрезентација за дуелот против Норвешка.

Оддалеченоста е проблем и за македонските новинари од кои поголемиот дел се сместени во Гренобл, на стотина километри од местото каде што е сместена репрезентацијата и нешто помалку од Албервил.

Се вчитува...