Македонската репрезентативка во составот на Вардар СЦЈС, Сара Митова, преку својот профил на фејсбук го изрази својот револт од односот на раководството на Вардар и на раководните структури во македонскиот ракомет, кон младите македонски ракометарки кои го носат дресот на македонската репрезентација и на Вардар СЦЈС. По одигрувањето на денешниот завршен меч меѓу Вардар и Вардар СЦЈС, на вардарки им беа доделени медалите и шампионскиот пехар, а ракометарките од вториот сестрински тим, во кој повеќето се македонски репрезентативки, сметаат дека биле заборавени од сите.
„Респект за секоја од ракометарките на првата екипа, а најголем дисреспект до управата, структурите и раководителите на македонскиот ракомет. Да ни го завртите грбот и да немате да ни доделите медали, да не дојдете и да не покажете никаква поддршка, да не ни упатите никаков спортски поздрав, а кога ќе дојде време за некој македонски играч да замине и да игра во странство, тогаш сте први за да барате парична отштета?! …Многу ли е тоа што бараме, ништо друго освен трошка почит, малку поддршка и барем еднаш да имате повеќе респект за Македонец отколку за странец?“ – напиша Митова во својата порака која ја споделија и другите репрезентативки од составот на Вардар СЦЈС.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА