Љубљана беше местото каде денеска за прв пат во присуство на претседателот на ЕХФ Михаел Видерер се состанаа и претставниците на трите ракометни федерации што ќе го организираат следното Европско сениорско првенство во женска конкуренција, Македонија, Словенија и Црна Гора. Шампионатот ќе се одржи од 4 до 20 ноември.
Претставник на македонската куќа на ракометот на овој состанок беше членот на Управниот Одбор на РФМ, Александар Стефанов.
„Голема чест за Македонија е што ќе бидеме домаќини на еден ваков голем настан, затоа што ракометот е спорт број еден во нашата држава. Ова ќе биде втор пат кај нас да се одржува Европско сениорско првенство. Со нетрпение го очекуваме овој предизвик – Ќе бидете добредојдени во ноември во Скопје“, изјави Стефанов пред присутните.
Првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер, е оптимист дека трите земји ќе одговорат на предизвикот и ќе бидат одлични организатори на ова големо натпреварување.
„Македонија беше домаќин на ЕП во 2008, Словенија организираше машко европско првенство во 2004, а Црна Гора има долга традиција во женскиот ракомет. Сите три држави се покажале како гостопримливи и одлични организатори. Затоа со нетрпение го очекуваме ова првенство“, изјави Видерер.
Првиот човек на словенечкиот ракомет, Фрањо Бобинац, изрази благодарност за укажаната доверба.
„Среќни сме што имаме фантастичен тим од истакнати, познати и креативни дами, кои ја потврдуваат својата креативност и знаење секој ден и оставаат свој печат за создавање на подобар свет за сите нас. Благодарност до ЕХФ за укажаната доверба на трите држави“, истакна Бобинац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА