Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, предложи, а Управниот одбор изгласа – женската ракометна репрезентација на Македонија ќе подели вкупно 2,5 милиони денари доколку успее да се пласира на СП 2023.
Нашите ракометарки во следните десетина дена ги очекува бараж-двомечот со Украина, а одлуката на УО ќе биде само мотив повеќе да се дојде до позитивен резултат.
Мукаетов се осврна и на организацијата на ЕП 2023 во Македонија, Црна Гора и Словенија, на проблемите со слабата лига и евентуалното решение со формирање на клуб репрезентациа.
„ЕП беше големо искуство за нашите репрезентативки, кои не беа подготвени ни за публицитетот што го добија. Квалитет имаме, го покажавме тоа со доброто прво полувреме против Романија, секако недостигаше искуство за радост на крајот. Како федерација не радува растот на младинските репрезентации и му благодариме на селекторот Савевски за целокупниот ангажман. Свесни сме дека лигата е слаба и на следното Собрание да се промени форматот и системот на натпреварување, објективно има голема разлика во квалитетот и очигледно е дека треба концентрација на квалитет во една помала Супер-лига. Суштината е дека треба повеќе да се работи, да се даде поддршка, организациски да се поставиме онака како што е најдобро. Секогаш постои дилема дали во држава како нашата постои дилема дали е добро да се оди со една ваква лига, или пак на еден проект во кој сите би биле собрани на едно место, како Будуќност во Црна Гора. Двете опции имаат добри и лоши страни, но за тоа ќе биде дискутирано подоцна. Сега фокусот треба да биде на двомечот со Украина, посебно би било важно ако успееме да се пласираме на едно СП бидејќи тоа би било ветер во грб, младите ракометарки да добијат искуство од уште едно големо натпреварување и да се мотивира еден уште поголем прогрес на женскиот ракомет“, прокоментира претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.
Воедно, Ракометната Федерација на Македонија ја верификуваше одлуката за распределба на вкупно 300.000 денари на дваесетте женски клубови во државата, при што секој од нив доби по 20.000 денари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА