Ракометната Федерација на Македонија ја исплати премијата од 50.000 евра што им беше ветена на членовите на машката сениорска репрезентација, за обезбедениот пласман на СП 2023.
„Црвено-жолтите“ одиграа четири одлични меча против Романија и Чешка, стигнувајќи до нов мундијалски билет за шампионатот што во јануари ќе се одржи во Полска и во Шведска.
„По претходно донесена одлука на Управниот Одбор, денес Ракометната Федерација на Македонија ја исплати наградата од 50.000 евра на машката сениорска репрезентација за пласманот на IHF World Championship 2023 во Полска и Шведска. Македонската сениорска репрезентација обезбеди пласман на IHF World Championship 2023 во Полска и Шведска совладувајќи ги репрезентациите на Романија и Чешка во бараж квалификациските натпревари. Машката сениорска ракометна репрезентација го задржа континуитетот на настапи на големите натпреварувања, обезбедувајќи осмо учество на ракометен Мундијал кој ќе се одржи во Полска и Шведска во јануари 2023 година“, објави Ракометната Федерација на Македонија на својата официјална веб-страница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА