РФМ ќе ги покрие трошоците за тестирање на ракометарите и на службените лица

Новите препораки од Владата за задолжително тестирање на спортистите пред официјалните натпревари предизвикаа реакции поради зголемените трошоци за клубовите во овој тежок финансиски период. Сепак, Ракометната Федерација на Македонија реши да им помогне на колективите во овој спорт покривајќи ги трошоците преку обезбедување на тестови за тестирање на ракометарите и на службените лица.

Куќата на ракометот ќе покрие околу илјада тестови неделно, со што ќе овозможи непречено одигрување на натпреварите во завршницата од сезоната.

„Согласно одлуката на Влада на Република С. Македонија објавена во Службен Весник бр. 87 со датум 20.04.2021, Одлука за изменување и дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID – 19 предизвикана од вирусот SARS – CoV – 2, случаите и временскиот период на нивна примена, во член 13 став 1 во точката 2 се менува и се додаваат зборовите:” освен организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на гледачи/публика, исклучиво по наменски одобрени протоколи и по претходно извршено PCR тестирање пред одигрување на натпреварот од страна на клубовите.

Ве известуваме дека Ракометна Федерација на Македонија до сите ракометни клубови учесници во Супер лига и Прва лига во машка конкуренција и Женска лига Скопско во сениорска категорија при систем на натпревари на РФМ ќе достави Rapid PCR тестови за детекција на заразната болест COVID – 19 предизвикана од вирусот SARS – CoV – 2. Тестирањето на ракометните екипи пред секој натпревар треба да биде спроведено од страна на лиценцираниот доктор на ракометните екипи, а резултатите да бидат испратени до Ракометната Федерација на Македонија на следните e-mail адреси: RFM.prvenstvo@macedoniahandball.com.mk и nikolovslave@yahoo.com

Тестирањето треба да се спроведе најрано 24 часа пред одигрување на натпреварот и резултатите заедно со формуларот веднаш да бидат доставени до Ракометна Федерација на Македонија, но не подоцна од 10:00 часот на денот на одигрување на натпреварот. Клубот е должен да го достави формуларот со наведени тестирани лица со име, презиме и датум на раѓање, и слика од сите направени тестови заедно на која што ќе има датум на извршување на тестовите, потпис од лиценцираниот доктор на тимот кој што го спровел тестирањето, печат и потпис од оваластеното лице на клубот и да наведе во самиот формулар за кој натпревар се однесува извршеното тестирање.

Во прилог Ви испраќаме: – Формулар со инструкции за спроведување на тестирање, кој треба да биде доставен до Ракометна Федерација на Македонија на горенаведените e-mail адреси. 

Со почит,

Ракометна Федерација на Македонија

Се вчитува...