Оваа натпреварувачка сезона во ракометниот шампионат заврши суперинтересно, со дерби во спортска атмосфера решено во последните секунди и нова титула за Е. Пелистер.
Раководството на Ракометната Федерација на Македонија планира да воведе значајна промена околу системот на натпреварување од наредната сезона, поврзано со пренесувањето на бодовите од Супер-лигата во плејоф и во плејаут натпреварувањето. Имено, досегашното правило со кое првопласираната екипа имаше само еден бод предност во доигрувањето во однос на вториот и третиот на табелата (истото важи и за седмиот на табелата, прв во плејаутот), во од летово ќе биде целосно изменето.
Според предлогот на РФМ, што се очекува да биде прифатен од клубовите следната седмица, со што ќе стане валиден веднаш од сезоната 2025/26, веќе нема да има вакво пренесување, туку сите тимови во плејофот и во плејаутот ќе го пренесат вкупниот број на бодови што го собрале во регуларниот дел од Супер-лигата. Со тоа, се штити тимот што евентуално би доминирал во првиот дел од сезоната, да не влезе во плејофот со само еден бод предност во однос на ривалите.
Исто така, се оневозможува и тим што би играл потпросечно и би бил убедливо последен во Супер-лигата, потоа да заостанува само еден бод зад ривалите во битката за опстанок.
Со оглед на фактот дека станува збор за сосема исправен предлог со кој ракометната сезона би била уште подраматична, се очекува истиот да биде едногласно изгласан во наредниот период.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

