Ракометната Федерација на Македонија на денешниот состанок на Управниот Одбор ги одреди патниците за европските купови за наредната сезона, копирајќи ја притоа сликата од завршната табела за сезоната 2018/2019. Сезоната 2019/2020 нема да се доигра, а дополнителен проблем претставуваше промената во европските натпреварувања, менувањето на форматот во Лигата на шампионите и формирањето на Лига на Европа како второрангирано натпреварување.
Практично, ова значи дека Вардар ќе биде претставник на мак-ракометот во ЛШ, апсолутно заслужено со оглед на двете освоени европски круни на „црвено-црните“ во последните четири сезони.
Македонија има едно загарантирано место во групната фаза од Лигата на Европа, кое му беше доделено на тимот на Пелистер. Битолчани сепак се амбициозни и најавуваат дека ќе аплицираат за место во ЛШ, а доколку желбата не им се исполни, ќе одат директно во групите од Лигата на Европа. Металург ќе аплицира за директно место во ЛЕ, а доколку биде одбиен од ЕХФ повеќекратниот македонски првак ќе треба да игра едно квалификациско коло за да се најде во групната фаза.
Последната дилема беше за третото место во Лигата на Европа, за кое конкурираа Охрид, Пролет и Бутел, како второ, трето и четвртопласирани тимови од завршницата на актуелната сезона. Сепак, РФМ реши за клучен критериум да го земе ланскиот пласман, па токму затоа Бутел е тимот што ќе има шанса да се натпреварува во квалификациите за Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА