РФМ со соопштение: Осуда за однесувањето на АЕК, директно прекршување на спортскиот кодекс

Ракометната Федерација на Македонија објави соопштение до јавноста до кое куќата на ракометот отворено го критикува односот на делегацијата на АЕК поради неизлегувањето на терен на грчкиот тим на синоќешниот реванш против Алкалоид.

РФМ смета дека ова е прекршување на спортскиот кодекс за кој се залага ЕХФ, гласно барајќи санкција за грчкиот тим, како и целосно почитување на прописите при носењето на одлука околу исходот на неодиграниот натпревар.

Соопштението на Ракометната Федерација на Македонија го пренесуваме во целост:

Ракометната Федерација на Македонија со жалење ја информира јавноста за инцидентот што се случи на вчерашниот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот Куп, на кој македонскиот претставник РК Алкалоид требаше да се соочи со грчкиот тим РК АЕК пред домашна публика во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Натпреварот не се одигра откако тимот на РК АЕК одби да излезе на теренот. Според информации со кои располага федерацијата, причината за оваа одлука на гостинскиот тим е поврзана со бројот на навивачи од Грција кои допатуваа во Скопје, и покрај тоа што за гостинскиот тим беа одобрени 200 влезници, значителен број навивачи бараа пристап на трибините без обезбедени билети.

По повеќе од 30 минути неизвесност и чекање, организаторите беа принудени да го одложат натпреварот, поради отсуството на едниот тим на теренот. Со ова, спортскиот дух и фер-плеј беа сериозно нарушени, а публиката и македонскиот ракомет беа лишени од едно финале на кое долго се чекаше.

Ракометната Федерација на Македонија остро го осудува ваквото однесување, кое е спротивно на правилата и регулативите на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Сметаме дека неизлегувањето на терен од страна на РК АЕК претставува директно прекршување на спортскиот кодекс и обврските кои произлегуваат од учеството во натпреварувањето организирано под капата на ЕХФ.

Во таа насока, Ракометната Федерација на Македонија ќе достави официјално известување до ЕХФ, со барање за соодветна постапка и санкционирање согласно постојните прописи. Очекуваме ЕХФ да донесе праведна одлука која ќе го заштити интегритетот на натпреварувањето и фер односот кон клубовите кои ги почитуваат правилата.

Истовремено, изразуваме целосна поддршка на РК Алкалоид, кој покажа максимална спортска подготвеност и професионален пристап. Убедени сме дека нашите клубови, навивачи и сите засегнати страни заслужуваат фер и транспарентен третман.

Со почит,

Ракометна Федерација на Македонија

Се вчитува...