Рибас: Македонија е најдобрата во групата, нас ни е чест што играме против една таква селекција

Селекторот на Гибралтар, Хулио Рибас не ги штедеше пофалбите на сметка на македонската репрезентација пред утрешниот последен натпревар од Групата 4 во Лигата на нациите.

Рибас на прес-конференцијата пред мечот истакна дека Македонија сосема заслужено е лидер во групата, а ним како млада селекција им е чест што играат против репрезентација со фудбалери од најсилните европски првенства.

„Мора да кажам веднаш дека Македонија е најдобрата репрезентација во групата. Тоа го покажа со досегашните игри, а за тоа доволно зборува и табелата. Нас, од друга страна, како млада селекција ни е чест што ќе играме против репрезентација во чии редови има голем број фудбалери од најсилните европски лиги. Ние, со секој натпревар против ваква репрезентација добиваме на искуство“ – истакна Рибас, притоа дополнувајќи:

„Ќе се обидеме и во Скопје да одиграме најдобро што можеме. Секако не планираме да се предадеме, имаме мотив и желба за надигрување. Но, да бидеме реални и нашата игра во многу нешта ќе зависи од тоа колку ќе ни дозволи Македонија“.

Натпреварот меѓу Македонија и Гибралтар се игра утре од 20:45 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Се вчитува...