Франк Рибери е подготвен за заминување од Баерн Минхен, разочаран што управата на клубот не планира да му понуди нов договор. Актуелниот договор на францускиот ас истекува на крајот од сезонава и тој во неколку наврати истакнуваше дека е подготвен да остане, но челниците на Баерн очигледно имаат поинаква визија за иднината. Договорот на Коман со Јувентус беше откупен, истото ќе се стори и со оној на Хамес Родригез со Реал Мадрид, веќе е договорен и Горецка од Шалке, што е јасен знак дека баварскиот гигант во иднина нема да смета на францускиот ветеран.
Рибери нема проблем да најде нов ангажман, но тоа најверојатно ќе биде надвор од Европа. Весникот „Билд“ објави дека до крилниот офанзивец веќе стигнале неколку богати понуди од Кина, од клубови кои нудат мултимилионски суми за да го доведат во своите редови почнувајќи од летово. Како опција се споменува и Катар, земја од каде исто така неколку клубови веќе подготвиле понуди за Рибери.
Франк Рибери е член на Баерн Минхен уште од 2007 година, кога пристигна на „Алијанц арена“ од редовите на Олимпик Марсеј. Тој освои една европска титула со Баерн, на прагот е на освојување на осмиот шампионски трофеј во Бундес-лигата, а во колекцијата на трофеи има и една титула светски клупски првак и пет пехари од Купот на Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА