„Риера останува без оглед на се… сите сакаме да играме шпански фудбал, a не ни се чека“

Алберт Риера ја има апсолутната поддршка на сите во Црвена Звезда и тоа нема да се промени само поради еден или два неуспешни резултати.

Ова е пораката што ја испрати првиот човек на „црвено-белите“, Звездан Терзиќ, јавно застанувајќи зад шпанскиот стратег по вчерашниот несреќен пораз во Лугано на кој Црвена Звезда водеше со 1-2, имаше зицер за 1-3, по што прими два гола во финишот и го загуби натпреварот.

„Едно треба да биде јасно, Алберт Риера останува наш тренер и тоа нема да се промени поради еден или два резултати. Нормално, никој не сака да губи, но лично мене ми се допаѓа она што го гради. Сите велиме дека сакаме клубовите или репрезентациите да ни играат како Шпанија, а на никого не му се чека. Она што го прави Риера е градење на еден нов систем, видовте како и при 1-2 напаѓавме и креиравме шанси. Дали можеше да застане во бункер и да се брани? Можеше и никој не знае што ќе се случеше тогаш, но Алберт не стравува да остане на своите принципи, да гради нешто од темел. Завршивме со неколку младинци во тимот, што исто така не е мала работа. Како што реков, тренерот е сигурен, дури и доколку го загуби наредниот меч со Копенхаген тоа нема да го промени нашиот став во врска со него“, истакна Терзиќ.

Tој воедно најави и носење на нови шпански фудбалски стратези во Црвена Звезда, поточно во развојниот тим Графичар.

„Веќе се водени разговори, да донесеме шпански тренери во Графичар, да работат со младите категории, да ги подготват децата за она што ги чека. Неслучајно Шпанците се европски и светски прваци, шампиони се во сите млади категории. Не е срамота да не знаеш, срамота е да се правиш дека си најпаметен во светот“, порача првиот човек на Црвена Звезда.

Се вчитува...