ЕКИПА во Рига, Летонија
Владимир Булатовиќ
Македонија на најдобар можен начин, согласно посакувањата, го заокружи првото од двете октомвриски гостувања во Лигата на нациите. Убедливо славје со Летонија во Рига само како дополнителен мотив плус за дуелот со најголемиот конкурент во групата, репрезентацијата на Ерменија кој претстои во недела, 13. октомври.
Благоја Милевски се соочуваше со серија проблеми во креирањето на тимот за пресметката со Летонците, поради повреди, жолти картони и вируси, но на крај низ неколку комбинаторики го извлече најдоброто од расположивот состав за триумф преку кој се зачува лидерската позиција.
„Овој тим почнавме да го градиме после поразот од 7-0 во Манчестер и знам дека полека добиваме негова слика и физиономија каква што сакам. Претходно кажав дека јас ја замислувам Македонија која оди на победа на секој натпревар. Овие момци тоа го можат, и со својот квалитет, и со својата страст кога играат во националниот тим и со желбата за победи“ – истакна селекторот Милевски по синоќешниот дуел во Рига.
Но, Милевски е свесен дека имаше и отворени аномалии во играта кои ќе мора да се корегираат за мечот со Ерменците.
„Не можам да бидам задоволен од одредени сегменти во играта, па ни преостанува да ги корегираме аномалиите за пресметката со Ерменија. Овој меч со Летонија го оставаме зад нас, и веќе се фокусираме на Ереван“ – вели македонскиот селектор.
Сосема е јасно дека Летонија веќе мора да се заборави, а македонските фудбалери останувајќи цврсто на земја мора целокупниот свој мотив, со нов максимално сериозен пристап, да го насочат кон Ерменија кој, без сомнение, е најтешкиот противник во групата кој негува еднакво амбиции за првото место.
Македонија има негативни искуства во минатото од Ереван, и затоа е неопходен комплетен фокус ако се сака позитивен резултат. Во комбинација за првиот тим се враќаат Ѓоко Зајков и Никола Серафимов, а очекувањата се и дека Висар Муслиу ќе ја надмине повредата и ќе биде на располагање на Боби Милевски, како и Бојан Димоски кој имаше проблеми со вирус пред вчерашниот натпревар.
Македонската експедиција за Ереван, каде се очекува да биде денеска во попладневните часови, патува денеска со чартер лет од Рига во 13 часот. Во сабота е закажан официјалниот тренинг пред неделниот натпревар кој почнува од 18 часот по средноевропско време.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА