Возачот на Ред Бул, Даниел Рикиардо, изјави дека со задоволство би влегол во битка за шампионската титула во Ф1 со тимски колега Макс Верстапен, како што беше онаа меѓу Хамилтон и Розберг. Минатата сезона двајцата возачи на Ред бул не отстапуваа едне на друг на патеката, но немаа можност да се борат за освојување на шампионатот. Сега Рикиардо предупреди дека е подготвен и за таков предизвик.
„Се уште не сме Луис и Нико, но се надевам дека еден ден ќе се најдеме во таква позиција, бидејќи и на двајцата ни се допаѓа таква борба. Сакаме да се бориме еден со друг. Ако дојдеме до таква можност, ќе го правиме тоа што го можеме за да го постигнеме тоа што го сакаме во спортот. Тешко е да се предвиди што би се случило, но ми се чини дека тоа ќе биде голем предизвик“ – изјави Рикиардо.
Двајцата возачи на Ред Бил минатата сезона веќе имаа еден таков дуел на трката за ГН на Малезија и Рикиардо вели дека би сакал да се повтори таква ситуација. Но, и дека во таквите битки треба да се почитуваат правилата за фер-плеј од двете страни.
„Најважно е взаемно да се почитуваме, како на патеката, така и надвор од неа. Досега и двајцата сме се справувале со тоа многу добро, дури и на онаа трка во Малезија кога се натпреварувавме за победа. Ако биде секогаш така како во Малезија, тогаш тоа би било неверојатно. Ако се работи за титулата, се разбира дека ќе бидеме малку понервозни, но тоа е нормално.“ – вели возачот на Ред бул.
Новата сезона во Формула 1 почнува на 26 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА