Возачот на Ред Бул, Даниел Рикиардо, се надева дека на почетокот на следната недела ќе го продолжи договорот со оваа екипа во Формула 1. Преговорите на австралискиот возач со Ред Бул траат со месеци и до пред извесно време се шпекулираше дека тој на крајот од сезоната ќе се пресели во друг тим. Најчесто се споменуваше опцијата Рикиардо од следната сеозна да вози за Мерцедес.
Но, откако германскиот тим потврди дека Луис Хамилтон и Валтери Ботас остануваат во нивните болиди и во следната сезона, Рикиардо во намалените опции сепак, се реши да остане во Ред Бул.
„Се е веќе извесно. Ситуацијата со другите е јасна, па јас ќе се концентрирам на трката, а претпоставувам дека на почетокот од следната недела ќе се биде завршено“- изјави Рикиардо.
Тој потврди и дека во голем дел, на негова иницијатива биле интензивирани преговорите за потпишување на нов договор со Ред Бул.
„Би сакал да заминам на одмор со потпишан договор. Но, дури и да не го сторам тоа наредната недела, ќе бидам задоволен ако знам дека ќе го потпишам“ – истакна Даниел Рикиардо.
Дека преговорите најверојатно ќе завршат со продолжување на соработката и дека ситиацијата наскоро треба да се реши, потврди и директорот на Ред Бул, Кристијан Хорнер.
По трката за ГН на Унгарија што ќе се вози на патеката Хунгароринг на 29 јули следува летната пауза во Ф1 шампионатот. Возачите ќе се вратат на патеката на 26 август на трката за ГН на Белгија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА