Ример: „Нема да притискаме мечот со Македонија да го решиме за 20 минути“

ЕКИПА во Копенхаген,
Владимир Булатовиќ

Селекторот на Данска, Брајан Ример на денешната прес-конференција пред утрешниот натпревар со Македонија во полуфиналето од баражот за пласман на СП 2026, вели дека неговата селекција нема да тргне со сите сили од првата минута во напад за брзо да го реши натпреварот со Македонија.

Ример нагласува дека Македонија мора да се почитува, и воопшто не се работи за наивна селекција како што многумина во Данска мислат.

„Кога ќе излеземе на теренот утре, нема да вршиме притисок врз себе да го решиме натпреварот за 20 минути. Подготвени сме за натпревар кој нема да биде решен до самиот крај. Не смееме да бидеме под стрес. Мора да бидеме трпеливи затоа што имаме незгоден противник“ – вели Ример.

Данскиот селектор со максимално пофални зборови за Македонија…

„Ако ги погледнете натпреварите на Македонија во последните две години ќе видите дека се работи за одлична селекција, која игра компактен фудбал, одлично тактички подготвени. Мал проблем претставува што сега имаат нов селектор, кој првпат ќе ги води, па не знаеме каква ќе биде неговата визија, но многу добро знаеме дека Македонија има одлични индивидуалци“ – истакнува Ример.

А, што се однесува околу резултатски очекувања и пласманот на СП 2026…..

„Кога ја избрав оваа професија, јасно е дека размислувам само на победи секогаш. Натпреварите се мојот живот, моето се…. Во овој случај за мене пласманот на СП 2026 е буквално се, најважно од се…. Не гледам на ништо друго во моментов, и нормално е дека сакам со успех да ги заокружиме овие два бараж натпревари, но не сакам и воопшто да бидеме под притисок како што многумина овде сакаат“ – рече Ример кој е на силен удар од домашната фудбалска јавност по неуспесите на тимот на крајот од минатата година.

Се вчитува...