Ристевски: Чувството да се вратам дома е незаменливо

Кире Ристевски повторно ќе настапува во дресот на Пелистер откако официјално се врати назад во битолските редови на позајмица од Струга ТЛ до крајот на сезоната.

Искусниот 35-годишен централен дефанзивец не го криеше воодушевувањето што одново ќе го носи „зелено-белиот“ дрес.

„По многу години поминати на различни терени, чувството да се вратам дома е незаменливо. Се враќам во мојот матичен клуб со голема благодарност и љубов кон сите кои ме поддржуваа низ годините.

За мене е голема чест што повторно ќе бидам дел од ова семејство кое отсекогаш ми било блиску до срцето. Со нетрпение ги очекувам новите предизвици и успеси, заедно со тимот и стручниот штаб.

Целта за оваа сезона е јасна – да обезбедиме опстанок во лигата и да покажеме вистински карактер на теренот. Ќе дадеме максимум на секој натпревар и ќе се бориме за секој бод.

Од нашите верни навивачи, Чкембари, очекувам поддршка на секој натпревар, бидејќи заедно можеме да ја кренеме енергијата и да ја вратиме гордоста на клубот. Со заеднички труд, пожртвуваност и нивната поддршка, ќе се радуваме на секој успех и заедно ќе го вратиме клубот на местото каде што му припаѓа“, изјави Ристевски.

Се вчитува...