Пелистер по промените во раководните структури и во стручниот штаб се фокусира кон формирање на играчкиот ростер за сезоната што следи.
Битолчани обезбедија опстанок во елитата, но желба на сите во клубот е во новата сезона да се имаат подобри резултати и тимот да се бори за излез во фудбалска Европа. За таа цел се најавени засилувања, но чекајќи ги нивните трансфери битолскиот клуб се фокусира кон задржување на клучните играчи од ланската сезона.
Така, главниот дефанзивец Александар Ристевски и во новата сезона ќе ги брани зелено-белите бои откако денеска ја продолжи соработката со „пелистерци“.
„Нашата одбрана и во сезоната 2025/26 ќе ја предводи Александар Ристевски. Задоволство ни е да го официјализираме продолжувањето на договорот со 32-годишникот, со кого добиваме искуство, квалитет и лидерство во нашиот одбранбен ред. Ристевски има богата прволигашка кариера зад своето име, настапувајќи за Металург, Скопје, Победа, Пелистер, Ренова, Струга Трим Љум, Работнички и Брера во македонскиот шампионат, како и за екипата на Влазнија во албанското првенство“, објави ФК Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

