Ристевски: Репрезентативниот дрес е гордост и светост…

Самоил Ристевски ја остави зад себе тешката повреда заработена пред крајот на ланската сезона, па младиот пивот прикажа добри игри во изминатите месеци што беа препорака да добие повик од селекторот Кире Лазаров за претстојното Европско првенство.

Битолчанецот не ја крие гордоста што е дел од сениорскиот национален тим, јасно става до знаење дека е подготвен за борба во секоја минута што ќе ја добие на теренот во наредниот период.

„Да се настапува за македонската репрезентација во земја каде што ракометот е спорт број еден претставува огромна чест и посебно задоволство. За мене „црвено-жолтиот“ дрес е гордост и светост и секогаш ќе го носам со максимална одговорност. Се надевам дека и понатаму ќе бидам дел од националниот тим и ќе придонесам во остварувањето на добри и значајни резултати. Со поголемиот дел од соиграчите се познаваме од порано, па адаптацијата беше многу полесна. Сите ми помогнаа да се чувствувам како да сум одамна дел од тимот. Полека се вклопувам и во системот на работа, кој не ми е целосно непознат, бидејќи и во младинските репрезентации работевме на сличен начин. Со нетрпение ги очекувам натпреварите против силни селекции како Португалија и Данска, но никако не смееме да ја потцениме Романија, која располага со квалитетен состав. Во Хернинг одиме со јасна цел – да се докажеме и да го постигнеме најдобриот можен резултат“, истакна Ристевски.

Се вчитува...