Поранешниот македонски интернационалец Ристо Танев е именуван за нов генерален директор на грчкиот третолигаш АЕП од Поликастро.
Човекот кој првите чекори ги има направено во Кожув, а потоа во македонското првенство настапуваше и за Работнички, прилепска Победа, Напредок од Кичево, на крајот на кариерата како играч беше дел токму и од грчкиот клуб АЕП од Поликастро, член на Третата лига-Север во Грција, каде сега ја доби довербата да ја извршува највисоката раководна функција во клубот.
А, интересна е приказната за Ристо Танев. До пред минатата сезона беше спортски директор на Кожув, но на покана на АЕП замина за Поликастро на крајот на есента пред да се случат оние нефудбалски настани во Гевгелија на мечот меѓу Кожув и Башкими од Куманово.
„АЕП се бореше за првото месо со клубот Епталофос и ме повикаа во улога на спортски директор да му помогнам. Имам многу пријатели во Поликастро, гратче блиску до македонската граница, меѓу фудбалерите. И се разочарав кога слушнав за случувањата на мечот Кожув – Башкими. И денес не можам да разберам дека таков фудбалски срам може да се случи бидејќи одлично ги познавам играчите на Кожув, клуб кој е мојата слабост иако сум играл за многу екипи. Но се случи што се случи, мислам дека сега во клубот се вистински луѓе, верувам во нив и посакувам Кожув повторно да игра во Првата лига на Македонија.“.
А, како АЕП не успеа да се пласира во Втората лига на Грција и како дојде новата повисока функција во клубот?
„Одлично ме примија во АЕП, кој заедно со клубот Кикисиакос се двата најдобри клуба во Третите лиги во северниот дел на Грција. Игравме добро, добивме шанса да играме бараж со клубот Епталофос, за да продолжиме во квалификациите за Втората лига на Грција – Север. Беше нерешено, но во судиското продолжение од пет минути, постигнавме гол, поведовме со 3-2. И додека се радувавме и чекавме судијата да отсвири крај, од трибините долета едно стаклено шише кое заврши на главата на еден гостински играч, ние бевме домаќини. Веднаш потоа судијата го прекина мечот иако сите тврдеа дека шишето е фрлено од дел на трибините каде се наоѓаат навивачите на Епталофос, натпреварот беше решен службено, 3-0 за нашиот противник. Сите наши жалби на оваа одлука беа неуспешни“ – раскажува Танев и дополнува како ја доби и новата повисока функција во клубот.
„По сето ова бев многу разочаран, сакав да си заминам од клубот, но претседателот на АЕП ме убеди да останам, да се обидеме заедно повторно да размислуваме за една од Вторите лиги. Добив и нова повисока функција, сега сум генерален директор. За шеф на стручниот штаб го ангажиравме познатиот Стратос Фитанидис, поранешниот капитен на Атромитос, кој има играно и за репрезентацијата на Грција, доведовме 12 нови фудбалери, сега на ростер имаме 25. Добро стартувавме, убедливо сме први на табелата. Усвоен е и нов систем на натпревари, нема веќе бараж, туку првите шест екипи од регуларниот дел ќе играат плеј оф, со тоа што бодовите се пренесуваат. Верувам деќе ќе бидеме први во лигата. А потоа, ќе видиме што ќе биде. Клубот е добро организиран, имаме три терени за тренинг, нашиот мал стадион се реновира. Во АЕП работи и фудбалска академија од 200 дечиња, која е под капата на ПАОК. Меѓу нив е идно момче од Гевгелија, голем талент, сите го забележаа. Горд сум поради него“, ни рече на крајот на разговорот Ристо Танев.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

